Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави вечерва дека лидерите на Европската Унија без противење и со воздржаност од страна на Германија, го договориле пакетот за именување на функционерите на сите четири раководни позиции на институциите на ЕУ.
– Беше потребно повеќе време од планираното, но сето тоа го постигнавме во рокот. Договоривме цел пакет пред првата сесија на Европскиот парламент – изајви Туск пред новинарите во Брисел.
Тој потсети дека пред пет годни на европските лидери им биле потребни три месеци да донесат одлука за именувањата, а овојпат тоа било направено за само три дена.
– Избравме две жени и двајца мажи за клучните позиции. Тоа е совршен родов баланс. Вредеше да се чека за ваков исход – изјави Туск.
Тој објави дека Еропскиот совет ја предложил Урсула фон дер Лаин за иден претседател на Европската комисија и ја номинирал Кристин Лагард за кандидат за претседател на Европската централна банка. Шарл Мишел ќе биде иден претседател на Европскиот совет, а Хозеп Борел е номиниран за Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
– Сега е на Европскиот парламент да ја разгледа номинацијата на Урсула фон дер Лаин за позицијата претседател на Комисијата. Ако биде избрана, таа ќе биде првата жена која ќе раководи со Европската комисија – наведе тој.
Туск оцени дека Шарл Мишел како белгиски премиер е идеален за изнаоѓање на консензус и градење на единство помеѓу земјите членки.
– Жозеп Борел како министер за надворешни работи и некогашен претседател на Европскиот парламент ќе биде силен претставник и бранител на интересите и вредностите на ЕУ во светот – оцени Туск.
Според неговите зборови, Кристин Лагард со меѓународното искуство и со позицијата директор на Меѓународниот монетарен фонд ќе биде совршен и независен претседател на Европската централна банка.