Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска најави дека во ноември ќе се одржи вонреден Самит на ЕУ, на кој ќе се дискутира за британското напуштање на Европската унија.
Се очекува на овој Самит да биде финализиран договорот меѓу Брисел и Лондон, со кој ќе се регулираат идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.
– Преговорите за Брегзит влегуваат во решавачка фаза. Сè уште се можни разни сценарија, но потенцирам дека некои од предлозите на премиерката Тереза Меј навестуваат позитивни промени во британскиот пристап – изјави Туск.
Велика Британија и ЕУ спореа за идните трговски односи и за нивото на европски регулативи кои Лондон ќе мора да ги почитува по Брегзитот, како и за статусот на границата со Република Ирска и правата на државјаните на земјите членки на ЕУ кои живеат на британска територија.
Таканаречениот „план од Чекерс“ кој го предложи Меј предвидува високо ниво на регулаторна усогласеност меѓу Велика Британија и ЕУ и по Брегзитот, што предизвика оставки на некои од најсилните поддржувачи на британското истапување од Унијата во Владата, но се очекува да биде прифатлив за ЕУ.
– Секој ден имам сè повеќе надеж, но јасно е дека ни преостанува многу малку време. Би сакал да го финализираме договорот уште есенва – изјави Туск.
Велика Британија формално треба да ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година.