Анкара ја предупреди ЕУ да не се меша во внатрешните работи на Турција и во постизборниот процес кој го спроведува високиот изборен совет на земјата, додека продолжуваат законските процедури за одредување на конечните резултати од последните локални избори.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Хами Аксој вчера изјави дека повикот на ЕУ до Турција да ги признае резултатите, додека се уште трае процесот на изборната комисија за проценка на приговорите, е „тажна грешка“.
– Прашање на владеење на правото е да почекаме завршување на приговорите упатени кон највисокиот изборен орган – истакна Аксој нагласувајќи дека турскиот народ ја покажал својата посветеност кон демократијата со голем процент на излезност каков што ретко се среќава во европските земји.
Изјавата на Аксој следува откако потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс минатата недела ја повика владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) да ги признае резултатите од изборите.