Командантот на украинските поморски сили адмирал Игор Воронченко изјави дека Турција, која е членка на НАТО, треба да затвори теснецот Босфор за руски бродови, јави ДПА.
– Ние ќе побараме Република Турција да го затвори Босфор, за Русите да знаат дека нивната земја го крши меѓународното право – изјави адмирал Воронченко на прес-конференција за поморската безбедност во Киев.
Тој изрази уверување дека меѓународната заедница ќе признае дека против Украина е извршен акт на агресија, рече Воронченко.
Барањето доаѓа откако министерот за инфрастуктура на Украина, Володимир Омељан, обвини дека Русија вовела „ефикасна блокада“ на двете главни украински пристаништа во Азовското Море – Бердјанск и Мариупол, и не дозволува во нив да впловат или испловат какви било бродови.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека не му е познато оти има некакви проблеми, додавајќи дека поморскиот сообраќај низ Керчинскиот Проток, што ги поврзува Азовското и Црното Море, се одвива нормално.
Според Песков, понекогаш „доаѓа до одлагања на пловидбата, како резултат на лошите временски услови“.