Наводно навредлива објава на Фејсбук доведе до насилство на улиците на Бенгалуру, Индија, при што полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите. Три лица загинаа во судирите и беше наметнат полициски час, пренесува РТ.
Хаосот беше предизвикан од провокативен пост на социјалните мрежи за пророкот Мухамед, споделен од роднина на локален пратеник, пренесуваат индиските медиуми. Демонстрантите во вторникот вечерта го опколија домот на пратеникот и му ги запалија автомобилите.
Беше нападната и запалена и полициска станица. Полицијата употреби солзавец и палки за да ја истера толпата надвор од областа. Хаосот резултираше во тројца убиени и десетици повредени.
Полицијата во Бенгалуру соопшти дека уапсила 110 лица во врска со немирите и ја повика јавноста да соработува со полицијата и да го одржи мирот во градот. Притворено е и лицето одговорно за објавата на Фејсбук.