Најмалку три лица се водат како исчезнати во Шпанија откако земјата изминатиов викенд ја погоди невреме проследено со пад на температурите, како и врнежи од дожд и снег.
Весникот „Паис“ јави дека исчезнал млад човек кој бил на риболов во областа Камарињас во северозападната автономна област Галиција, како и двајца туристи кои се изгубиле во саботата во планините Жирона, во автономната област Каталонија.
Во областа Астурија и на островот Менорка, кој е дел од Балеарските острови, повеќе од 50 илјади луѓе сѐ уште се без струја. Речиси 1.300 ученици во Астурија денеска не се на училиште.
Поради лошото време, Државната метеоролошка служба денеска го зголеми нивото на опасност во некои автономни области до „жолто“ (опасно) или „портокалово“ (многу опасно).