Три лица загинаа во силна експлозија, која речиси уништи еден блок од станови во германскиот град Бремен, информираат службите за итни случаи.
Телата на 41-годишна жена и нејзиниот седумгодишен син биле пронајдени во урнатините. Експлозијата се случила во 4:30 часот по локално време, соопшти полицијата.
Во пожарот настрада и седумдесетгодишна жена од соседната куќа.
– Експлозијата беше толку моќна што ги уништи внатрешните ѕидови и ги остави само надворешните – изјави портпаролот на противпожарната служба, Михаел Рихартц.
Автомобилите околу местото на експлозијата настрадаа од парчињата кои се расфрлаа од експлозијата.
– Мислев дека паднал авион – изјави еден сосед на загинатите жени.
Засега не е позната причината за експлозијата, иако властите се сомневаат дека станува збор за истекување на гас.
Жителите на сите куќи во радиус од 100 метри од експлозијата се евакуирани. Околу 70 пожарникари се активирани.