Поминаа две недели откако севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун последен пат беше забележан во јавноста. Оттогаш, Пјонгјанг молчи за неговата состојба, а шпекулациите се проширија низ светот. Некои тврдат дека Ким доживеал клиничка смрт, а други претпоставуваат дека тој починал по операциски зафат, пренесува „Форин полиси“.
Од политичка гледна точка, светските сили се подготвуваат за можни сценарија. САД и Јужна Кореја треба да бидат подготвени за соработка без разлика дали севернокорејскиот лидер е мртов, болен, или пак, во случај на негово повторно појавување во јавноста.
Прво сценарио: Ким се враќа во целосна контрола
Првото сценарио подразбира враќање на Ким на чело на Северна Кореја. САД и Јужна Кореја треба да го координираат пристапот со цел избегнување на воена ескалација и продолжување на дипломатските преговори. Потребно е тие да преземат претпазливи чекори кога станува збор за денуклеаризацијата, како и за медицинската соработка помеѓу Јужна и Северна Кореја во време на пандемијата на ковид-19.
Иако постои можност Северна Кореја да реагира позитивно на повиците за подобрување на односите за време на пандемијата, како и за културна и хуманитарна размена, сепак, Јужна Кореја треба да внимава економската соработка да не се судри со санкциите наметнати од САД и Обединетите нации.
Второ сценарио: Ким останува онеспособен и далеку од очите на јавноста
Доколку Ким остане онеспособен да владее, ова ќе донесе период на можни зголемени ризици од погрешни пресметки, комуникации и ненамерни ескалации. Неговата сестра Ким Јо-јонг може да дојде на чело на земјата како вршител на должност, или може да се случи борба за власт во земјата.
За кратко време Пјонгјанг може да остане во тишина, а потоа повторно да тестира ракети и да покаже воена моќ на меѓународно ниво, како и агресивен тон кон разнебитување на санкциите и попорвокативна реторика кон САД, Јужна Кореја и Јапонија. За тоа време тие треба да ја одржуваат меѓусебната подготвеност и да споделуваат информации, како и да внимаваат да не го протолкуваат погрешно покажувањето на сила од страна на Северна Кореја.
Трето сценарио: Ким е мртов или неспособен да продолжи да владее
Доколку Ким е навистина мртов или неспособен да продолжи да владее, кој ќе дојде на чело на земјата зависи од тоа дали севернокорејскиот лидер назначил наследник. Веројатноста за потенцијален пад на режимот е многу мала. Но, може да настане борба за власт помеѓу неговата сестра, неговиот протеран вујко Ким Пјонг-ил, или некој функционер од Работничката партија или воен генерал. Додека ваквата ситуација трае, САД и Јужна Кореја треба да останат будни и внимателно да ја следат за да се потрудат таа да не ескалира.
Најновата мистерија за судбината на Јонг-ун ќе биде решена тогаш кога Северна Кореја ќе открие што всушност се случува со него. Доколку е жив, ова нема да биде прв и единствен случај за ширење на гласини за неговиот живот. Сепак, овој случај може да послужи како повик за будење до сојузот САД-Јужна Кореја и за потребата за блиска и унапредена координација на сценаријата околу здравјето на севернокорејскиот лидер.
Интригата за династијата Ким не е корејска драма од забавен карактер. Таа е прашање на живот и смрт за севернокорејскиот народ, за опстојувањето и падот на режимот, за злоупотреба на човековите права и нуклеарната моќ, со импликација за мир и безбедност во Азија и пошироко.