Лидерите на Турција, Русија и Иран, Реџеп Тајип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани на состанокот во Анкара се согласија да биде формиран одбор за изработка на нов Устав во Сирија, како дел од политичкото решение за завршување на граѓанската војна во таа земја.
Ердоган, по трилатералната средба изјави дека се надминати последните препреки за формирање одбор. Путин пак, рекол дека сите страни се согласиле за тоа во одборот да бидат провладини, опозициски и независни претставници, со што ќе се отвори пат за брзи разговори во Женева.
Рохани изрази надеж дека во Сирија ќе бидат одржани избори во 2020 или 2021 година.
Лидерите се договорија за деескалација на нестабилната ситуација во Идлиб, последното упориште на бунтовниците во Сирија, како и за борбата против екстремистите и заштита на цивилното население.