Додека британската премиерка Тереза Меј се мачи да обезбеди поддршка за договорот за брегзит во британскиот парламент, сѐ повеќе Европејци се надеваат дека Британија на крајот ќе одржи втор референдум и ќе одлучи да не се збогува од ЕУ. Но Европејците треба да внимаваат што посакуваат, предупредува Томас Клау, аналитичар за европски политики
Уште од референдумот за брегзит во 2016 година, голем број европски лидери ја оценија како „трагична“ одлуката на британското гласачко тело и нагласуваа дека Британија секогаш е добредојдена да се врати назад во ЕУ. Британија издвојува големи средства за буџетот на ЕУ, а многумина ја сметаат за противтежа на моќниот двоец Германија и Франција. Британија на 29 март треба официјално да се збогува со ЕУ, освен ако не се премисли во последен миг. Таа навистина треба да биде добредојдена назад во ЕУ, ама еден ден, а не веднаш, оценува за магазинот „Политико“ Томас Клау, аналитичар за европски политики и бивш соработник на Европскиот совет за надворешни односи.
За секој што сака посилна ЕУ, нема ништо полошо од сценариото Британија да ја поништи одлуката за брегзит и едноставно да остане во Унијата. Ако резултатот од евентуалниот втор референдум е спротивен на првиот, милиони огорчени избирачи што гласале за брегзит ќе сметаат дека се предадени од елитата, која по првото изјаснување во 2016 година им вети дека засекогаш ќе го затвори европското прашање. Имајќи предвид дека втор референдум ќе предизвика нови длабоки поделби меѓу посиромашните и побогатите делови на земјата, Британија ќе го продолжи членството во ЕУ како нација или, поточно, како колектив од нации што се обидува да заздрави од една голема траума.
Последното нешто што некој британски лидер би го направил во една толку поделена држава е да размислува за какви било подлабоки интеграции со ЕУ. Британија или ќе ги забави или ќе ги блокира суштинските реформи на ЕУ, ќе бара да извлече специјални отстапки и безмилосно ќе го користи секој достапен сојуз во блокот за да го заштити тесно дефинираниот национален интерес.
Истовремено, Британија постојано ќе биде на работ на нов брегзит, бидејќи заговорниците сигурно нема тукутака да се откажат од таа идеја. Интензитетот на нивниот гнев повеќе ќе биде последица на тоа што ќе бидат лишени од победа откако им било кажано дека нема да има понатамошна битка.
Три клучни европски договори, од Мастрихт, Ница и од Лисабон, беа одбиени од данските и од ирските гласачи пред да бидат ратификувани, по клучни промени, на втор референдум. Оттогаш гласачите на Британија се хранат со идејата дека второ изјаснување значи и повреда на демократијата. Оваа антипатија кон евентуален втор референдум се вклопува во англискиот менталитет, според кој политиката е како спорт и во неа нема место за преговори. За многумина, барањето за референдум е како губитникот од финалето на Вимблдон да бара реванш.
Но од неодамна идејата за втор референдум не се отфрла како перверзија на демократијата. Таа им одговара на некои пратеници и на сите што се залагаат Британија да остане во ЕУ. Шансите за втор референдум сѐ уште се далечни. Владата на британската премиерка Тереза Меј е против, а има и многу технички пречки. Сепак, од ден на ден се зголемуваат повиците да им се даде нова шанса на гласачите да се изјаснуваат за брегзит. Анкетите покажуваат дека ако има втор референдум, мнозинството ќе се изјасни за останување на Британија во ЕУ. Ако се оствари ова сценарио, владата во Лондон ќе ги информира своите европски партнери дека Британија останува во ЕУ.
ЕУ сигурно официјално ќе ја поздрави промената на ставот на Британците. Ниту една европска влада не сакаше Британија да си замине од ЕУ. Европејците може дури и да сметаат дека промената на ставот на Британците барем привремено ќе ги замолчи евроскептиците, кои постојано се залагаат да се врати суверенитетот што му бил предаден на Брисел.
Но еуфоријата нема да трае долго. Британија веќе 30 години се обидува да најде начини како да ја запре потесната соработка на ниво на ЕУ. До 2016 година, ова беше клучен аспект во стратегиските пресметки на британските влади. Но по траумата од два референдума, поттикнати од големата недоверба кон Европа, оваа стратегија ќе се претвори во егзистенцијален национален приоритет за Британија.
Ако се земат предвид претходните политики на конзервативните и на лабуристичките влади, Лондон во такво сценарио ќе бара сојузници не само во Копенхаген или во Хаг туку и во Варшава, Рим и во Будимпешта. Некои ќе се присетат како бившиот премиер Тони Блер одеше на Сардинија да бара поддршка од тогашниот италијански лидер Силвио Берлускони. Денес некои ториевци се залагаат да го одбранат унгарскиот лидер Виктор Орбан од санкциите на ЕУ само за да ја добијат неговата евроскептична поддршка.
Ова е најлошиот момент за ЕУ. Незадоволството кон традиционалните партии на целиот континент, кое во голема мера е последица од финансиската криза пред една деценија, сега претставува потенцијална егзистенцијална закана за либералните демократии. Насилните протести на „Жолтите елеци“ во Франција покажуваат дека тензиите во изминатите неколку години се далеку од завршени. Ако ЕУ сака да го обезбеди својот опстанок, ќе мора да направи крупни промени во начинот на кој реагира на имиграцијата, се бори против климатските промени и сиромаштијата, ги гарантира безбедноста и заедничката валута. За да се оствари тоа, ЕУ мора поефикасно да владее, полесно да се разбира и да биде подемократска. Последното нешто што сега ѝ е потребно на ЕУ, соочена со овие огромни задачи, е една истрауматизирана Британија, која ќе ја користи сета своја дипломатска моќ за да ги замрзне реформите во Унијата. Политичките поделби околу брегзит можеби ја ослабуваат позицијата на Британија во ЕУ, но нејзината дипломатска моќ и понатаму е голема.
За ЕУ е доволно тешко што во моментот треба да се справува со национализмот во Варшава, популизмот во Италија или со авторитаризмот во Унгарија, смета Клау. За ЕУ сигурно ќе биде голем предизвик една Британија што ќе го блокира континентот за да се одбрани од сѐ што ќе смета за закана по нејзината веќе разнишана национална кохезија.