Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не се откажува од трговската војна, иако пандемијата на коронавирусот и строгите мерки за запирање на нејзиното ширење ги зголемија стравувања од глобална рецесија и ги засилија повиците за поголема меѓународна соработка и координација.
Само еден ден откако лидерите на Г7, меѓу кои и Трамп, порачаа оти остануваат „посветени на стабилноста на глобалната економија“ и ветија дека ќе „координираат мерки и ќе сторат сѐ што е потребно за да го зачуваат економскиот пораст“, Вашингтон ги зголеми царините од десет на 15 отсто за европскиот производител на авиони „Ербас“. Авиокомпаниите се едни од најголемите економски жртви на кризата поради забраните за патувања, поради што производителите на летала бараат итен спас од државите.
Европските лидери се надеваа дека ќе можат да го разубедат Трамп да се откаже од трговската војна со мини-договори за сектори како што се технологијата, енергетиката и регулацијата на храна. Но дипломатските напори пропаднаа, а Вашингтон реши да ја засили трговската војна, со надеж дека неговите тактики ќе ги вратат работните места во САД. По објавата на САД за зголемувањето на царините, ЕУ реагираше дека двете страни треба да најдат итно решение за решавање на трговскиот спор. Зголемените тарифи веројатно нема да имаат дополнителен ефект врз „Ербас“ на краток рок, зашто американските авиокомпании веќе ги одложија нарачките поради забраните за патувања предизвикани од пандемијата на коронавирус, посочува „Политико“.
Според магазинот, зголемувањето на царините е нов знак дека Трамп нема намера да ѝ стави крај на трговската војна, наспроти огромното оптоварување на глобалната економија. Меѓународните организации предупредија од глобална рецесија и ги повикаа владите да соработуваат за ублажување на последиците и за смирување на пазарите. Одлуката на Трамп им ги урна надежите на оние во Европа и во САД што сметаа дека кризата ќе предизвика трговско примирје, па дури и крај на војната. Некои повикаа САД да ги намалат царините за ЕУ и за Кина, но Белата куќа нагласи оти нема да се суспендираат царини.
Наместо тоа, велат критичарите на Трамп, Белата куќа сака да ја искористи пандемијата на коронавирус за да го забрза т.н. економско и трговско раздвојување од Кина. Трамп планира да го стори тоа преку наложување на некои државни агенции да купуваат американски производи и намалување на даноците за компаниите што ќе ги преместат нивните синџири на снабдување во САД, наспроти предупредувањата дека таквите мерки претставуваат ризик за прекин во снабдувањето со лекови и материјали во време кога се најпотребни.