Со 232 гласа „за“ и 197 „против“, Претставничкиот дом на САД го отповика претседателот Доналд Трамп, седум дена пред истекувањето на неговиот мандат. Сега процедурата за импичмент се сели во Сенатот, каде што за да биде успешна, потребно е да биде поддржана од две третини од сенаторите, што, според аналитичарите, веројатно многу тешко ќе се случи
Мнозинството во американскиот Претставнички дом изгласа импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп поради неговата улога во минатонеделниот напад на Капитол од негови приврзаници. Гласањето, кое помина со 232 гласа „за“ и 197 гласа „против“, беше иницирано од демократите, a десетина републиканци им се придружија на демократите во поддршката за импичмент поради „наводно потикнување немири“ во институциите минатата недела. Според западните медиуми, ова е вторпат да се бара отповикување на Трамп. Првиот пат беше во 2019 година, поради зделките со Украина, но Сенатот гласаше со ослободителна одлука. Потегот на демократите следува откако потпретседателот Мајк Пенс го игнорираше нивното барање ден претходно да се повика на амандманот 25, со кој би се прогласил Трамп за „неспособен да ги извршува овластувањата и должностите на неговата функција“.
Импичмент преднапуштањето на претседателската функција
Во меѓувреме, додека траеше дебатата за импичмент, а војската се подготвуваше за можно насилство во пресрет на инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден, на 20 јануари, Трамп објави соопштение со кое го обесхрабрува насилството. Сенаторот од мнозинството, републиканецот Мич Меконели, ги отфрли повиците на демократите за отповикување на Трамп, посочувајќи дека сега не е време да се бара импичмент, на неколку дена пред Трамп да го напушти претседателскиот кабинет, пренесе РСЕ.
– Ние знаеме дека претседателот на САД ги повика своите приврзаници да одат дома, го спречи овој оружен бунт против нашата земја – изјави тој.
Од друга страна, спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која како претставничка на демократите го предводи барањето за импичмент, изјави дека Трамп мора да замине.
Ќе има ли мирна транзиција на власта
Паралелно со ова, Лиз Чејни, која беше меѓу десетте републиканци што го поддржаа отповикувањето, во својата изјава истакна дека „досега не се случило поголемо предавство од страна на претседател на САД во однос на неговата функција и заклетвата кон Уставот“, а Питер Меиџер кажа дека гласал за импичментот со „тешко срце“. „Си-ен-ен“ во колумна насловена „Карневалот на лицемерство на Републиканската партија“ наведува дека „вториот импичмент на Трамп ќе ги означи повеќето од неговите бранители од Републиканската партија како измамнички опортунисти, кои до последен момент тврдеа оти на државата ѝ е потребно единство, откако веќе придонесоа за реториката што ја доведе државата до работ на граѓанска војна.
Сега процедурата за импичмент се сели во Горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, каде што за да биде успешна, потребно е да биде поддржана од две третини од сенаторите, што значи дека најмалку 17 републиканци треба да ја поддржат. Засега мал број републикански сенатори сугерираа дека се во полза на отповикувањето. Седницата за импичментот на Трамп би се одржала по инаугурацијата на Џо Бајден, која е закажана за 20 јануари. Но, и покрај ова, американските безбедносни служби предупредуваат на можни „оружени протести“ низ САД пред и за време на инаугурацијата на Џо Бајден за претседател, која треба да се одржи идната недела. Во дописот на ФБИ, до кој дошле некои американски медиуми, се вели дека такви протести се можни во сите 50 главни градови на американските држави, вклучувајќи го и Вашингтон.