Американскиот претседател Доналд Трамп денеска првпат ќе претседава со една седница на Советот за безбедност на ОН, јави ДПА.
Според американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, тоа најверојатно ќе биде „најследената седница на Советот за безбедност кога и да било досега“.
Хејли првично најави дека главна тема на седницата ќе биде „дестабилизирачката агресија и спонзорирањето на тероризмот од страна на Иран“, но подоцна соопшти дека на дневен ред на заседанието ќе биде „неширењето на оружјето за масовно уништување“.
Според дипломатски извори во ОН, до промената дошло со цел да се избегне јавна конфронтација меѓу Трамп и иранскиот претседател Хасан Рохани, бидејќи според Повелбата на Светската организација, кога Советот за безбедност расправа за одредена држава, на седницата мора да му се дозволи обраќање и на претставник на таа земја.
Рохани претходно изјави дека Трамп има „недостиг на интелект“ и го обвини дека со своето вчерашно обраќање пред Генералното собрание на ОН ги „погазил глобалните правила и ги поткопал меѓународните институции“.
На седницата на Советот за бебзедност на ОН со која ќе претседава Трамп се очекува присуство и на претседателите на Боливија, Ево Моралес, на Полска, Анджеј Дуда и на Франција, Емануел Макрон, како и на британскиот и холандскиот премиер, Тереза Меј и Марк Руте.
На седницата ќе присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, но според најавите од Светската организација, тој нема да се обрати, туку само ќе го следи заседанието.