Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека средбата со рускиот колега Владимир Путин најверојатно ќе се одржи во главниот град на Финска, Хелсинки.
Тој додаде дека средбата ќе биде по Самитот на НАТО во Брисел, што ќе се одржи на 11 и 12 јули.
Трамп посочи дека со Путин ќе разговараат за војната во Сирија и ситуацијата во Украина.
Претходно, советникот на Белата куќа за национална безбедност Џон Болтон изјави дека Трамп и Путин планираната средба ја оценија како можност за подобрување на билатералните односи.
И Кремљ соопшти дека е постигнат договор за средба на Путин со Трамп.
– Москва и Вашингтон постигнаа договор за одржување на средба помеѓу Владимир Путин и Доналд Трамп – изјави помошникот на рускиот претседател Јуруиј Ушков.
Неговата изјава уследи по средбата на советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон со рускиот претседател. Тој додаде дека местото и времето на самитот ќе бидат објавени утре.
Ушков посочи дека средбата ќе се случи на заеднички усогласена локација во трета држава и дека за подготовките за самитот на двајцата претседатели потребни се уште неколку недели.
Путин на средбата со Болтон, изрази надеж дека посетата на советникот за национална безбедност на американскиот претседател на Москва ќе биде чекор кон обновување на односите меѓу Русија и САД.
– Вашата посета на Москва ни дава надеж дека ќе бидеме во можност да го направиме барем првиот чекор кон целосно обновување на односите меѓу двете земји – истакна Путин на средбата во Кремљ.
Тој посочи дека билатералните односи меѓу Русија и САД во моментов не се најдобри и додаде дека Москва никогаш не посакувала конфронтација.
Болтон се сретна и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, при што разговараа беа ситуацијата во Украина, Сирија и билатералните односи.