Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека следната недела ќе ги објави датумот и местото на вториот самит, кој планира да го одржи со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кон крајот на месецот.
Како место за одржување на средбата Трамп – Ким се разгледуваат Виетнам, Тајланд, Хаваи и Сингапур.
Трамп истакна дека неговата администрација постигнува „огромен напредок“ за прашањњата поврзани со Северна Кореја.
Претходно, американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека испраќа подготвителен тим за претстојната средба Трамп – Ким.
– Ќе го сториме тоа некаде во Азија.Таму испраќам тим. Тргнаа сега за да создадат основа за, се надевам, клучниот дополнителен чекор на патот не само за денуклеаризација, туку и за светла иднина на севернокорејскиот народ – изјави Помпео.
Според него, Пјонгјанг е согласен самитот на двајцата лидери да се одржи на крајот на февруари. Но, Помпео не наведе на кое конкретно место ќе се случи тој.
Стејт департментот синоќа соопшти дека специјалниот претставник на САД за Северна Кореја, Стивен Биган патува за Сеул, каде в недела ќе се сретне со севернокорејските претставници. На средбата ќе се разговата за понатамошните чекори за денуклеаризација на Северна Кореја и за начините да се оствари напредок во обврските преземени од Трамп и Ким на средбата во Сингапур во јуни минатата година.
По прв самит на Трамп и Ким во Сингапур, севернокорејскиот лидер вети дека ќе работи на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но според Вашингтон се уште нема преземено конкретни чекори во тој правец.
Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси синоќа оцени дека претседталот Трамп не обрнува внимание на предупредувањата од неговата администрација за заканите што ги претставуваат Северна Кореја, Иран и други држави.
Таа додаде дека е вџашена од тоа што Трамп не обрнува внимание ниту има желба да слушне што му кажува разузнавачката заедница.
Трамп ги нападна шефовите на разузнавачките служби откако во Конгресот изјавија дека е малку веројатно дека Северна Кореја ќе го размонтира својот нуклеарен арсенал, како и дека функционира Договорот со Иран.
– Можеби разузнавачите би требало да се вратат во училиште – изјави Трамп.