Американскиот претседател Доналд Трамп на денешната прес-конференција во Сингапур, по историската средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека американската војска ќе престане со воените игри насочени кон Северна Кореја, велејќи дека тие ги подгреваат тензиите и оти нивното запирање „ќе заштеди огромна сума пари”.
Што се однесува на санкциите против таа земја, Трамп рече дека тие ќе бидат повлечени кога ќе се знае дека нуклеарната програма е завршена.
Трамп рече дека го поканил Ким да ја посети Белата куќа, и тој ја прифатил поканата. Што се однесува на евентуална посета на Трамп на Пјонгјанг, Трамп рече дека би сакал да ја посети севернокорејската престолнина кога ќе биде „соодветно време“.
Трамп негираше дека направил премногу отстапки само за да има средба со Ким.
– Ние не се откажавме од ништо, само се согласивме да имаме состанок, рече Трамп. Тој појасни дека за возврат на тоа, САД добиле заложба за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, ослободување на тројца американски заложници и седум месеци одмор од ракетни и нуклеарни тестирања.
Тој изјави дека од Ким добил уверување дека Северна Кореја ќе ги уништи објектите каде е сконцентрирана ракетната програма на таа држава.
– Ким ми кажа дека Северна Кореја веќе уништува голема локација за тестирање на проектили- истакна Трамп.
Американскиот претседател додаде дека Корејската војна „наскоро ќе заврши“.
– Минатото не мора да ја дефинира иднината … Секој може да направи војна, но само најхрабрите можат да направат мир- изјави Трамп.
Американскиот претседател додаде дека „светлината на мирот ја оддалечува темнината на војната.
– Ова беше многу голем ден, одличен момент во историјата на светот- истакна Трамп и додаде дека овојпат нема да биде како со напорите на претходните администрации за справување со Северна Кореја.
На прес-конференцијата тој уште потенцираше дека сака да врати „момците дома“, мислејќи на американските војници стационирани во Јужна Кореја.
Трамп уште рече дека накусо со Ким разговарале и за човековите права.
– Тој е многу посебна личност и секогаш ќе биде во мојот живот- изјави Доналд Трамп одговарајќи на прашање во врска со Ким Џонг-ун.