Американскиот претседател ја обвини компанијата од Висконсин за капитулација по одлуката да го префрли производството на мотоциклите наменети за европскиот пазар надвор од САД

Американскиот претседател Доналд Трамп ја критикува познатата компанија за мотоцикли „Харли-Дејвидсон“ поради плановите да го префрли препроизводството надвор од САД за да ги избегне новите високи европски царини што ЕУ ги воведе како контрамерка на американските царини за европскиот алуминиум и челик.
Претседателот на САД на Твитер објави дека е изненаден што компанијата била првата што го развеала белото знаме, иако тој се борел за неа. Според него, главната причина за ваквиот потег не се високите царини туку намерата да се избегне плаќање на даноците. „Харли-Дејвидсон“ претходно објави дека планира да го префрли во други земји производството на мотоцикли наменети за европскиот пазар, јави Би-би-си.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс ја обвини ЕУ дека „се обидува да ги казни американските работници со неправедни и со дискриминаторски трговски политики“.


– Претседателот Трамп ќе продолжи да врши притисок за слободна, фер и реципрочна трговија и се надеваме дека ЕУ ќе ни се придружи – изјави Сандерс.
„Харли-Дејвидсон“, со седиште во Висконсин, соопшти дека зголемените трошоци од царините на ЕУ претставуваат значителен товар и закана за нејзината меѓународна продажба, што таа планира да ја прошири. Компанијата има фабрики во Австралија, Бразил, Индија, Тајланд и во САД.
„Харли-Дејвидсон“ посочи дека ќе ги зголеми инвестициите во своите глобални фабрики, иако не откри во кои, додавајќи дека очекува зголемувањето на производството да трае до 18 месеци. Компанијата вели дека царините ги зголемуваат нејзините трошоци за производство, но нагласи дека нема намера да ги зголеми цените на мотоциклите за да не ѝ наштети на продажбата.
Потегот на „Харли-Дејвидсон“ е една од највидливите последици од трговската војна што почна со одлуката на Трамп да воведе царини на увозот на челик и на алуминиум. Тој тврди дека тарифите се неопходни за заштита на американската индустрија и на националната безбедност. На нив со контрамерки реагираа ЕУ, Канада, Мексико, Индија и други, а истовремено се зголемија и трошоците за металите за производителите во САД. Разни американски компании, од производители на клинци до бродови, предупредија дека трговските спорови може да имаат катастрофални последици.


Трговската војна ќе предизвика глобална рецесија

Кина и ЕУ порачаа дека едностраните потези на поединечни земји би можеле да го турнат светот во рецесија и истовремено ветија дека ќе се спротивстават на трговскиот протекционизам, алудирајќи на новите царини на САД.
Вицепремиерот и главен економски советник на кинескиот претседател, Лиу Хе, вели дека Кина и ЕУ по разговорите во Пекинг се договориле да бранат мултилатерален трговски систем, пренесува Блумберг.
– Кина и ЕУ цврсто се против трговскиот унилатерализам и протекционизам и веруваат дека таквите потези може да предизвикаат рецесија и турбуленции во глобалната економија – изјави Лиу на заедничка прес-конференција со потпретседателот на Европската комисија, Јирки Катаинен.