Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој е суспендиран од Твитер и другите социјални мрежи по нападот на Капитол на 6 јануари, планира да лансира своја платформа за два до три месеци, изјави еден од неговите високи советници за „Фокс њуз“.
Џејсон Милер, кој беше портпарол на кампањата на Трамп во 2020 година, за телевизијата изјави дека Трамп ќе се врати на просторот на социјалните медиуми со своја платформа што „целосно ќе ја промени играта“.
Твитер минатата недела објави дека ќе побара јавно мислење за тоа кога и како да се воведува забрана за пристап за светските лидери, наведувајќи дека ги разгледува сопствените политики и размислува дали треба да важат истите правила за лидерите како и за другите корисници.
Твитер, Фејсбук и други беа под лупа за нивниот третман на профилите на политичари и владини претставници, откако му забранија пристап на Трамп за поттикнување насилство.
Фејсбук, кој го суспендираше Трамп на неодредено време во јануари, побара од своето независно надзорно тело да одлучи дали забраната треба да остане во сила.