Белата куќа планира втор самит меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун откако севернокорејскиот лидер испратил „многу позитивно“ писмо во кое побарал нова средба со американскиот претседател. Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјави дека администрацијата веќе ја координира организацијата на новиот самит. Исто така, таа посочи дека САД нема да го објават писмото без одобрување од Ким, пренесува „Гардијан“.
Преговорите меѓу САД и Северна Кореја заглавија во ќор-сокак по „историското“ ракување меѓу Трамп и Ким во јуни на самитот во Сингапур. Трамп првично ги пофали позитивните ефекти од средбата, на која тврдеше дека е договорена денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но минатиот месец ја одложи посетата на Пјонгјанг на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, поради недоволен напредок во преговорите. Белата куќа сега оценува дека има напредок, а како доказ ја посочува неодамнешната воена парада во Пјонгјанг, од која изостана најмоќното оружје, а не беше спомната ниту нуклеарната програма на Северна Кореја. Трамп тогаш му се заблагодари на Ким за потегот.
– Да им покажеме на сите дека грешат. Нема ништо подобро од добар дијалог меѓу двајца што си се допаѓаат – напиша Трамп на Твитер.
Твитот што можел да предизвика нуклеарна војна
Американскиот претседател Доналд Трамп во последен момент бил спречен да објави твит што, според доверливи информации од Пентагон, можел да предизвика нуклеарна војна со Северна Кореја, тврди познатиот американски новинар Боб Вудворд, кој во својата нова книга „Страв“ зборува за „нервен слом“ во администрацијата на Трамп.
Според новинарот, Трамп планирал да објави на Твитер дека САД ќе ги повлечат сите членови на семејствата на американските војници стационирани на Корејскиот Полуостров, вкупно 28.000 луѓе. Но намерата на Трамп предизвикала тревога во Пентагон, кој добил доверливи информации дека Севернокорејците ќе го протолкуваат твитот како непосреден напад на САД. На крајот Трамп не го објавил твитот што можел да предизвика нуклеарна војна.