Американскиот претседател, Доналд Трамп, го одобри прогласувањето вонредна состојба за Вашингтон, кое треба да трае до 24 јануари, соопшти Белата куќа.
Тоа е сторено откако службите предупредија на безбедносни закани за време на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден следната недела, пренесува „Ројтерс“.
Вонредната состојба ја прогласи градоначалникот на Вашингтон, Мјуриел Бусер минатата среда, по упадот на демонстрантите во Конгресот, и затоа што после тоа започнаа да се појавуваат информации за планираните немири за време на инаугурацијата, пишува американското издание на „Политико“.
Наведено е дека прогласувањето вонредна состојба ќе им овозможи на Одделот за национална безбедност и Федералната агенција за управување со вонредни состојби да му помогнат на градот во каква било итна ситуација.
Бусер бараше од в.д. секретарот за национална безбедност Чад Волф да ја одобри декларацијата пред да се случи катастрофа, како и да го продолжи ангажманот на американската тајна служба за инаугурацијата од 11 јануари до 24 јануари, наместо претходно планираните 19 и 21 јануари.
Волф поднесе оставка непосредно пред Трамп да ја одобри вонредната состојба, наведувајќи ги проблемите со неговото назначување, а „Политико“, повикувајќи се на неименуван извор, рече дека тоа го сторил заради настаните од минатата недела.