Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е подготвен делумното затворање на федералната администрација да трае со месеци, па дури и со години, доколку демократите во Конгресот не се согласат на одделување средства за безбедност на границите, вклучително и за изградба на ѕидот на границата кон Мексико, пренесува МИА.
Трамп нагласи дека формирал работна група предводена од потпретседателот Мајк Пенс, која во текот на викендот ќе се обиде да изнајде излез од ќор-сокакот во кои западнаа САД поради несогласувањата меѓу Белата куќа и Конгресот околку Буџетот.
– Мислам дека ни претстои уште долг пат и ние ќе работиме напорно за време на викендот, изјави Трамп по денешната средба со водечките демократи во Конгресот.
Тој нагласи дека на средбата инсистирал на прифаќање на неговото барање за издвојување 5,6 милијарди долари во Буџетот за безбедност на границите, од кои најјголем дел би се поторшиле за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница.
Како што јави ДПА, изградбата на ѕидот и построгата контрола на границата кон Мексико претставува една од главните заложби на Администрација на Трамп, која смета дека на тој начин ќе се запире илегалната миграција и шверцот.
Претседателката на Претставничкиот дом, демократката Ненси Пелоси по разговорите со Трамп, што траеја речиси два часа, изјави дека средбата била „долга и на моменти напната“, но дека сепак бил постигнат „ одреден напредок“.
Поради спорот меѓу Белата куќа и Конгресот околку Буџетот, федералната администрација во САД делумно не работи веќе 14 дена.