Немаме одредено никаква временска рамка за завршување на процесот за денуклеаризација на Северна Кореја, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
– Мислам дека ќе направиме нешто што е многу важно, но не играме временска игра. Не важно дали (денуклеаризацијата) ќе трае две години, три години или пет месеци, изјави Трамп на прес-конференција во Њујорк.
Трамп вчера претседаваше со седница на Советот за безбедност на ОН, при што изјави дека кога станува збор за Северна Кореја, зад сцената, „далеку од медиумите“, се случуваат многу позитивни работи.
– Мислам дека ќе имате некои многу добри вести од Северна Кореја во наредните месеци и години, истакна Трамп,
Тој нагласи дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун директно ја потврдил својата посветеност на денуклеаризацијата во „многу силна писмена форма“.
Трамп изјави дека очекува да биде постигнат договор со Северна Кореја, но дека за завршување на тој процес треба и натаму да останат во сила постоечките санкции на ОН кон Пјонгјанг.
Американскиот претседател најави и дека наскоро ќе го соопшти датумот и местото на неговата следна средба со Ким.
Запрашан што треба да направи Северна Кореја пред неговата следна средба со Ким, американскиот претседател одговори дека е „постигнат огромен напредок” од минатата година.
– Тие ја денуклеуризираат Северна Кореја и имаме прекрасни врски меѓу нашите две земји, изјави Трамп.
Трамп и Ким ја одржаа својата прва средба во јуни во Сингапур, на која постигнаа договор за денукеларизација на Корејскиот Полуостров, врз основа на кој Пјонгјанг треба да се откаже од развој на нуклеарно оружје.