Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Белата куќа ќе обелодени транскрипт од вториот разговор со претседателот на Украина, Владимир Зеленски. Тој истакна дека документот во подготовка е „многу важен“.
Претседателот ова го изјави денеска во Обединетата воена база Ендрјус во Мериленд, пред да замине во Алабама каде ќе присуствува на фудбалски натпревар.
-Ви го презентирам вториот транскрипт затоа што имав два телефонски разговора со претседателот на Украина – изјави Трамп.
Телефонскиот разговор со Зеленски стана повод демократите во Конгресот да отпочнат процедура за импичмент на Доналд Трамп. Во разговорот една од темите е истрага за активностите на Хантер Бајден, синот на еден од потенцијалните ривали на Трамп за претседателските избори следната година.
Веднаш по објавувањето на разговорот, Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом, објави истрага за отповикување на американскиот претседател.