Претседателот на САД Доналд Трамп тврди дека „медиумите што емитуваат лажни вести толку многу сакаат да видат конфронтација со Русија, дури и конфронтација која би можела да доведе до војна“.

Трамп напиша на Твитер: „Тие навиваат толку невнимателно, многумина и го мразат фактот дека јас веројатно ќе имам добри односи со Путин“.

– Нам ни оди многу подобро отколку на која било друга земја, напиша Трамп.

Објавата е најнов обид на Трамп да се одбрани од критика по самитот со рускиот претседател Владимир Путин одржан во Финска.

Трамп рече дека состанок со Путин ќе резултира со подобри американско – руски врски.


Црна Гора со одговор за Трамп: Ние придонесуваме за мирот

Владата на Црна Гора, реагирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти дека е горда на својата традиција и мирнодопска политика и оти Црна Гора придонесува за мирот и стабилноста во Европа и во целиот свет. Официјална Подгорица истакна и дека пријателството и сојузништвото со САД се силни и трајни.

Владата во Подгорица посочува дека Црна Гора е „држава која прва во Европа пружи отпор на фашизмот и денес како нова членка на НАТО и кандидат за ЕУ придонесува за мирот и стабилноста не само на европскиот контитент, туку и ширум светот, заедно со американските војници во Авганистан“. Владата посочи дека Црна Гора е горда на мирнодопската политика која ја доведе до стабилизирачка држава во регионот и единствена држава во која не се војувало при распаѓањето на поранешна Југославија.

„Ние градиме пријателства, а ниту едно не сме изгубиле, воедно способни храбро и одлучно да се браниме и да ги одбраниме сопствените национални интереси“, се наведува во соопштението, во кое уште се вели дека во денешниот свет, полн предизвици, не е важно колку сте големи или мали, туку во која мера ги негувате вредностите како што се слобода, солидарност и демократија.

– Црна Гора е мала држава со многу силни луѓе. Тие се многу агресивни луѓе, можат да станат агресивни и тогаш, честитам, ние сме во Трета светска војна. Меѓутоа, тоа е начинот на кој (НАТО) функционира, изјави вчера Трамп.