Европејците и натаму се сомневаат дека претседателот, познат по огромната наклонетост кон тарифите, искрено преговара. Дипломати, функционери и аналитичари во Европа се загрижени дека Трамп може лесно да се повлече назад кон непријателскиот став, кој го покажа кон европските лидери во текот на јунскиот самит во Канада и на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел, оценува „Њујорк тајмс“
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела постигна примирје со Европската Унија околу трговијата, а неговиот план во најголем дел за многумина изгледаше познато. Неговиот план потсетува на преговорите што ги почна администрацијата на Барак Обама, а кои Трамп ги прекина минатата година. Па, така, шефот на Белата куќа си ги припишува заслугите за решавање на кризата, која, пак, самиот ја предизвика. Од почетокот на претседателскиот мандат, тој ги критикуваше договорите на неговиот претходник и ги прекина трговските преговори со ЕУ. Трамп отиде уште подалеку и го крена влогот, воведувајќи тарифи на челикот и на алуминиумот, принудувајќи ја Унијата на воведување контрамерки. И наместо да ја спушти топката, американскиот лидер ги разгоре тензиите, нарекувајќи ја Европа „непријател“, пишува „Њујорк тајмс“.
Сега, Трамп го прикажува како победа договорот, постигнат во средата со шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер. Американскиот претседател порача дека двете страни ќе работат на намалување на тарифите и другите трговски бариери. Вашингтон и Брисел, според него, ќе ги намалат бирократските пречки за протокот на индустриски добра преку Атлантикот, а истовремено ќе стави крај и на конфликтните регулативите за лековите и за хемикалиите.
САД, како што наведува „Њујорк тајмс“, го бараа истото тоа и во мандатот на Обама, преку договорот Трансатлантско трговско и инвестициски партнерство (ТТИП). Колапсот на договорот и натаму мачи големи сегменти на американски и на европски бизниси, кои многу се надеваа на формирање трансатлантска верзија на Северноамериканскиот договор за слободна трговија.
– Поголемиот дел од договорот се работи што бевме многу блиску да ги договориме со ТТИП, пред договорот да пропадне по изборот на Трамп. Но, барем претседателот сега повеќе зборува за слободната трговија, отколку за тоа колку се добри тарифите – вели Руфус Јеркса, претседател на Националниот совет за надворешна трговија, кој ги претставува извозниците.
Сепак, и европски и американски претставници ги отфрлаат споредбите со претходните преговори. Но веднаш не беше сосема јасно по што ќе се разликуваат од преговорите на администрацијата на Обама, освен нивниот ограничен опсег. За разлика од претходната рунда преговори, европските претставници сега порачуваат дека земјоделскиот сектор нема да биде дел од договорот со администрацијата на Трамп.
Од друга страна, американскиот министер за трговија Вилбур Рос порача дека подготвеноста на ЕУ да преговара е вистинска потврда на трговската политика на Трамп.
– Ако не беа тарифите за челик и за алуминиум, никогаш немаше да стигнеме до точката каде што сме сега – истакна Рос.
„Њујорк тајмс“ оценува дека агресивниот став на Трамп му помогна да добие предност на трговскиот фронт со земји како Кина, но неговиот конфронтациски пристап истовремено ги затегна односите со витални сојузници како што е ЕУ. Сепак, можно е Трамп да ги сменил политичките калкулации во однос на Европејците. Тие се уплашени од опасноста за ескалација на тарифите со нивниот најголем трговски партнер. Тарифите за странските автомобили и автоделови беа посебно загрижувачки за ЕУ, каде што индустријата е голем економски двигател. Трамп одлучи да ги одложи тарифите за да види како ќе напредуваат преговорите со Брисел.
– Европејците мора да се запрашаат себеси: „Дали сакаме трговска војна или трговски договор?“. Претходно изборот беше помеѓу договор и статус кво – истакнува Габриел Фелбермајер, директор на минхенскиот Центар за меѓународна економија.
Сепак, кај европските бизнис-лидери владее внимателен оптимизам дека средбата помеѓу Трамп и Јункер сигнализира враќање кон соработката што порано преовладуваше помеѓу Европа и САД.
– Ова го сметаме за чекор во вистинска насока. Прво треба да се работи на овие области, да се изгради довербата, а потоа ќе работиме на напредок кон други области – истакнува за „Њујорк тајмс“ Сузан Дангер, директорка на Американската комора за трговија при ЕУ во Брисел.
Но, и покрај тоа, Европејците и натаму се сомневаат дека претседателот, познат по огромната наклонетост кон тарифите, искрено преговара. Според „Њујорк тајмс“, дипломати, функционери и аналитичари во Европа се загрижени дека Трамп може лесно да се повлече назад кон непријателскиот став, кој го покажа кон европските лидери во текот на јунскиот самит во Канада и на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел.