Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска разговараа телефонски за повлекувањето на војската на САД од Сирија и соработката за време на тој процес.
Како што пренесуваат медиумите, Трамп истакнал дека сака да соработува со Турција за да се решат безбедносните проблеми што таа ги има на североисток од Сирија.
Американскиот претседател исто така нагласил дека Турција не треба да ги „злоставува“ Курдите или другите национални групации кои беа сојузници на САД во борбата против терористичката група Исламска држава.
– Ердоган порача дека Турција ќе ги поддржи САД за време на повлекувањето на војската, се наведува во соопштението од Кабинетот на турскиот претседател.
Двајцата лидери разговараа неколку часа по предупредувањето на Трамп упатено кон Турција дека ќе ја „уништи“ турската економија во случај на напад на курдските паравоени формации во Сирија.