Спорот околу конкурентните противвоздушни системи е главна причина за тензиите помеѓу двете земји. Турција исто така се најде на критики од американскиот Конгрес поради нејзината воена операција во Сирија и поради нападот врз тамошните курдски бунтовнички групи, кои, пак, им беа главен сојузник на САД во борбата против Исламската држава
Ситуацијата во Сирија и одлуката на Турција да го купи рускиот ракетен систем „с-400“ беа главните теми што доминираа во разговорите помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Но и покрај топлиот прием на Ердоган во Белата куќа, двајцата лидери не ги решија прашањата што значително ги влошија односите помеѓу двата големи сојузника од НАТО. Трамп порача дека одлуката за купување на модерниот руски противвоздушен систем претставува голем предизвик, пренесуваат светските медиуми.
– Долго време сме пријатели, речиси од почетокот. Добро ги разбираме нашите држави. Разбираме од каде доаѓаме – изјави шефот на Белата куќа додека со турскиот гостин седеа во Овалната канцеларија.
Истовремено, Трамп изјави дека двајцата лидери имале прекрасна и продуктивна средба, додавајќи оти се надева дека сојузниците од НАТО ќе може да ги надминат меѓусебните разлики. Шефот на Белата куќа изрази надеж дека ќе се надмине проблемот со турската набавка на „с-400“.
– Турската набавка на софистицирана руска воена опрема, како што е „с-400“, создава некои многу сериозни предизвици за нас и постојано разговараме за тоа. Денес разговаравме за тоа, ќе разговараме и во иднина, и се надевам дека ќе можеме да ја надминеме ситуацијата – истакна Трамп.
Сепак, двајцата лидери ја завршија средбата без да постигнат договор за ова прашање, кое, според администрацијата во Вашингтон, претставува толку голема закана за безбедноста на НАТО, поради што САД го суспендираа турското учество во програмата за производството на ловецот „ф-35“. Ердоган пред новинарите порача дека би можел да биде убеден да го купи и американскиот противвоздушен систем „патриот“, доколку добие добра понуда.
Спорот околу конкурентните противвоздушни системи е главна причина за тензиите помеѓу двете земји. Турција исто така се најде на критики од американскиот Конгрес поради нејзината воена операција во Сирија и поради нападот врз тамошните курдски бунтовнички групи, кои, пак, им беа главен сојузник на САД во борбата против Исламската држава. Турција, од друга страна, е гневна на американската поддршка за курдските сили, кои ги смета за закана, како и на одбивањето на Вашингтон да го екстрадира високиот муслимански свештеник Фетула Ѓулен, кого Анкара го смета за главен организатор на неуспешниот воен удар против Ердоган од 2016 година.
Посетата на Ердоган предизвика негативни реакции кај дел од американските законодавци. Републиканскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека речиси сите претставници во Конгресот сметаат дека рускиот „с-400“ е некомпатибилен со американскиот ловец „ф-35“.
– Турското активирање на рускиот „с-400“ ќе ги принуди САД ја отстрани Турција од програмата за „ф-35“ и да воведат санкции. Турција е важен сојузник и членка на НАТО. Се надевам дека ќе го спасиме овој однос, но само времето ќе покаже дали е тоа возможно – порача Греам.
Од друга страна, лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека е шокантно тоа што Трамп му приреди топол пречек на Ердоган по инвазијата на Сирија.
– Ердоган ја задушува слободата на говорот, апси противници и ѝ прави уште многу лоши работи на неговата земја, која порано беше многу посветол пример за демократија – додаде Шумер.
Претходно, двајца демократски сенатори претставија резолуција со која се осудува турскиот прогон на новинари, политички противници, дисиденти и малцинствата. Тие порачаа дека турската влада испратила во затвор над 80.000 турски државјани, затворила над 1.500 невладини организации обвинувајќи ги за поврзаност со тероризам и оти отпуштила или суспендирала над 130.000 државни службеници.