Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот противкандидат Џо Бајден на претстојните избори во САД ги одбегнаа клучните прашања во обраќањето кон американската јавност преку одвоени телевизиски појавувања во Мајами, односно во Филаделфија.
Трамп одби да ја отфрли бизарната теорија на заговор на „КуАнон“, додека Бајден не сакаше да зборува за неговите планови за Врховниот суд на САД. А двајцата имаа дефанзивен пристап за повеќе теми.
Трамп одговори дека не знае ништо за „КуАнон“ (теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп – н.з.) на прашањето дали јавно ќе се откаже од групата која ФБИ ја смета за терористичка закана.
– Не знам ништо за нив. Знам дека тие се во голема мера против педофилијата и дека се борат многу силно против неа – кажа Трамп, кој првпат порача и дека мирно ќе ја предаде власта ако загуби на изборите, иако изрази загриженост за регуларноста на гласањето.
Бајден не беше убедлив при одговорот на прашањето за неговите планови за судството, односно за можноста за назначување судии во Врховниот суд и за влијанието врз идеолошката рамнотежа на одлуките.
– Не сум поборник на пополнувањето на судот. Не сум подобрник – кратко одговори Бајден.
Според последните анкети, Бајден има солидна предност пред Трамп, но резултатите се тесни во неколку клучни сојузни држави кои би можеле да ги одлучат изборите. Повеќе од 18 милиони луѓе веќе се изјаснија за изборите кои се закажани за 3 ноември.
Одговарањето на прашањата на гласачите ја замени втората претседателска дебата која беше откажана. Трамп претходно одби да се соочи со Бајден во виртуелна дебата по неговата дијагноза за ковид-19.