Американскиот претседател Доналд Трамп го намали значењето на разликите со Франција околу Иран, кажувајќи му на Макрон дека двајцата се согласуваат дека Техеран не треба да има нуклеарно оружје.
На состанокот на двајцата претседатели во Кан, во рамки на одбележувањето на 75-годишнината од сојузничкото слетување во Нормандија, Трамп ја повтори понудата САД да ги обноват преговорите со Техеран за иранската нуклеарна програма, додека Макрон се сложи дека треба да се почнат нови преговори со Иран.
САД лани го напуштија меѓународниот нуклеарен договор со големите сили и Иран и повторно воведоа остри санкции на Техеран. Трамп неодамна испрати носач на авиони и бомбардери во регионот на Блискиот исток, наведувајќи како причина разузнавачки извештаи за можни напади на Иран.
Останатите потписнички на меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година – Франција, Германија, Велика Британија, Русија и Кина, настојуваат да го сочуваат тој договор со Иран и да ги намалат тензиите.