Американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да го убеди малку познатиот 36-годишен политички оперативец Ник Ајерс да биде шеф на неговиот кабинет, и покрај неколкумесечните обиди во кои беа вклучени и неговата ќерка Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, објавува Блумберг.
Уште неколку кандидати се актуелни, но Трамп нема изразен фаворит за позицијата по одбивањето на Ајерс. Напуштањето на функцијата од страна на досегашниот шеф на кабинетот Џон Кели, пак, е потсетник за потенцијалните замени, оти тие можат да станат „вреќи за удирање“ со прифаќање на функцијата.
– Хаосот е обележје на администрацијата на Трамп. Тој се согледува според ситуацијата во која советниците како Стив Банон, Рајнс Прибус и Рекс Тилерсон никогаш нема да бидат во позиција како Иванка Трамп и Џаред Кушнер. А бидејќи Кушнер и ќерката на Трамп немаат искуство, софистицираност и самосвесност ние предвидовме дека ќе се создаде секојдневен хаос – се наведува во анализата на Блумберг.
Претходно годинава, Кели се претстави себеси како „осамен ѕид против катастрофата“, меѓу соработниците на американскиот претседател. Во книгата „Страв“ на Боб Вудвард, Кели ја опишува Белата куќа како „луд град“. Се испостави дека Кели издржа 18 месеци на позицијата „шериф“ во „лудиот град“, која ја презема во јули 2017 година.
– Џон Кели знае за предизвиците што го очекуваат. Тој нема да седи настрана и да ја гледа Белата куќа како се распаѓа – кажа тогаш Бил Панета, поранешниот шеф на кабинетот во администрацијата на Бил Клинтон.
Медиумите посочуваат дека Кели не мораше да се тргне, туку беше „истуркан“ од Доналд Трамп, кој наводно, тешко прима совети од соработниците. Во ситуација кога беше одбиен од Ајерс, Трамп зависи од Кушнер и неговата ќерка, според Блумберг.