Американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна во демилитаризираната зона (ДМЗ) меѓу двете Кореи, каде што се состана со севернокорејскиот лидер, Ким Јонг-ун. Трамп и Ким се состанаа на линијата на демаркација, а Ким го покани својот гостин заедно да прошетаат по границата и да ја преминат истата. Така, Трамп стана првиот американски претседател кој некогаш зачекорил на тлото на Северна Кореја.
Трамп претходно најави дека ќе го повика Ким во Белата куќа, па така и сторил. Си-ен-ен пишува дека Ким уште не одговорил на поканата. Севернокорејскиот лидер истакна дека ова е историски момент.
– Преминот преку линијата на демаркација претставува голема чест за мене – рече Трамп, додавајќи дека со Ким ги поврзува големо пријателство.
Тој, пред состанокот со Ким, со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, го посети стражарското место на најсеверниот дел од јужнокорејската страна на ДМЗ, кое гледа кон Северна Кореја, каде што разговараше со американски и јужнокорејски војници.
Ова е прва посета на Трамп на ДМЗ, а на вчерашната средба со претседателот на Јужна Кореја, рече дека со Ким ќе се ракува и ќе го поздрави.