Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон за мозочната смрт на НАТО биле многу навредливи за останатите 28 членки на Алијансата.
– Никој нема поголема потреба од НАТО отколку Франција – рече Трамп, додавајќи дека изјавата на Макрон за алијансата е многу одвратна, пренесе агенцијата АП.
Макрон во неодамнешно интервју за „Економист“ рече дека алијансата е во состојба на „мозочна смрт“ и повика Европа да создаде своја безбедносна структура.
Предвидено е Трамп денеска да се сретне со Макрон, на маргините на самитот на НАТО.
Американскиот претседател исто така предупреди дека работите ќе станат многу тешки за ЕУ, ако сојузот не го подобри својот однос кон трговијата и НАТО, додаде „Ројтерс“.
– Европската Унија во однос на трговијата се однесува многу, многу неправедно кон САД – рече Трамп на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Лондон.