Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека телефонски разговарал со саудискиот крал Салман, кој му рекол дека не знае што му се случило на исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги.
– Само што разговарав со кралот на Саудиска Арабија кој негира дека знае што може да му се случило „на нашиот граѓанин на Саудиска Арабија“. Тој рече дека тие тесно соработуваат со Турција за да најдат одговор. Веднаш го испраќам нашиот државен секретар за да се сретне со кралот – напиша Трамп.
Малку подоцна пред новинари во Белата куќа американскиот претседател повтори дека Помпео денеска ќе замине за Саудиска Арабија и добаде дека државниот секретар може да посети и други земји ако е потребно.
Kашоги, новинар кој работеше за „Вашингтон пост“ и беше критичар на Ријад, се води за исчезнат откако на 2 октомври влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да земе некои документи. Турските власти стравуваат дека тој е убиен од тајната служба на Саудиска Арабија, додека Ријад негира.