Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска го откажа долго планираниот и очекуваниот самит со севернокорејскиот лидер Ким Џонг- ун, кој требаше да се одржи на 12 јуни во Сингапур.
Во соопштението од Белата куќа се вели дека Трамп го откажал самитот со Ким поради „огромниот гнев и отвореното непријателство на Ким во неговото неодамнешно соопштение“.
– Се радував однапред дека ќе бидам таму со вас. За жал, поради огромниот гнев и отвореното непријателство прикажано во последната изјава, сметам дека е непримерно, во овој момент, да се одржи овој долго планиран состанок – му напиша во писмото Трамп на севернокорејскиот лидер.
– Вие зборувате за Вашата нуклеарна способност, но, нашата е толку масивна и моќна што јас го молам Господ никогаш да не биде употребена – пишува, меѓу другото, Трамп.
Американскиот претседател му се заблагодари на Ким за ослободување на заложниците, кои се сега дома со своите семејства.
-Тоа беше убав гест, кој многу го ценам – наведува американскиот претседател.
– Светот, особено Северна Кореја, загуби голема шанса за траен мир и голем напредок и богатство – оцени Трамп, додавајќи дека е пропуштена можноста и дека е „тажен момент во историјата”.
Претходно денеска, Северна Кореја повторно се закани дека ќе го откаже самитот на својот лидер Ким Џонг-ун и претседателот на САД, Доналд Трамп, додавајќи дека е подготвена за средба за нуклеарна пресметка, колку и за состанок на преговарачка маса.
Заменик-министерката за надворешни работи на Северна Кореја Чо Сон Хуи изјави дека иднината на самитот Пјонгјанг- Вашингтон е „целосно” на САД и ги осуди коментарите на американскиот потпретседател Мајк Пенс, во кои ја спореди Северна Кореја со Либија.