Реакцијата на американскиот претседател следува по изјавата на шефот на иранската дипломатија Џавид Зариф, кој истакна дека Иран е подготвен на преговори за неговата нуклеарна програма доколку Вашингтон ги укине економските санкции против иранската држава, пренесуваат светските медиуми
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД нема да ги укинат санкциите против Иран во замена за продолжувањето на преговорите со властите во Техеран. Реакцијата на Трамп следува по изјавата на шефот на иранската дипломатија Џавид Зариф, кој истакна дека Иран е подготвен на преговори за неговата нуклеарна програма доколку Вашингтон ги укине економските санкции против иранската држава, пренесуваат светските медиуми.
– Иранскиот министер за надворешни работи вели дека Иран сака да преговара со САД, но оти бара санкциите да бидат укинати. Не, благодарам – изјави шефот на Белата куќа на својот профил на Твитер.
По изјавата на Трамп, повторно се огласи Зариф, со што, според Ројтерс, продолжи војната на зборови помеѓу Техеран и Вашингтон.
– На Доналд Трамп подобро би му било да ги заснова коментарите и одлуките од областа на надворешната политика на факти отколку на насловите на „Фокс њуз“ или на своите преведувачи на фарси. За нас не е важно кој седи во Белата куќа, важно ни е како се однесува тој. Администрацијата на Трамп може да го поправи минатото, да ги укине санкциите и да се врати на преговарачката маса. Ние и понатаму сме за преговори – истакна иранскиот министер.
Од друга страна, Зариф предупреди дека Иран е подготвен и за конфликт со САД, иако не прецизира што мисли точно.
– САД му нанесоа голема штета на иранскиот народ, ќе дојде денот кога ќе мора да платат за тоа. Ние имаме многу трпение – додаде шефот на иранската дипломатија.
Тензиите помеѓу Вашингтон и Техеран значително се зголемија откако Трамп во 2018 година еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор што го постигна Техеран со светските сили и повторно воведе строги економски санкции против Иран. Ситуацијата ескалира откако иранскиот генерал Касем Сулејмани беше убиен во американски воздушен напад, што, пак, предизвика одмаздничка реакција на Иран, кој изврши напади со балистички ракети на две воени бази во Ирак, во кои се сместени американски војници.
Од друга страна, Иранската организација за атомска енергија (АЕОИ) соопшти дека е подготвена да збогатува ураниум во секаков процент.
– Штом политичкото раководство ќе даде зелено светло, АЕОИ е подготвена да збогати ураниум на неограничено ниво. Иран работи и на нова генерација центрифуги, кои може значително да го забрзаат процесот на збогатување на ураниумот – порача заменик-претседателот на АЕОИ, Али Асгар Зарејан, во интервјуто за државната новинска агенција ИРНА.
Зарејан додаде дека АЕОИ веќе тестира нови центрифуги. Иранскиот претседател, Хасан Рохани, минатата недела изјави дека нуклеарната програма на неговата земја сега е понапредна отколку што беше во 2015 година, кога Иран го потпиша нуклеарниот договор со шест светски сили (Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и САД). Со договорот Иран се откажа од развој на воената компонента на нуклеарната програма и ја задржа само цивилната нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите. Рохани порача дека Иран никогаш нема да развие нуклеарно оружје, со или без нуклеарен договор, и ги повика европските држави да не го следат Вашингтон, кој го напушти договорот од 2015 година. Франција, Британија и Германија неодамна го активираа механизмот за порамнување според договорот, бидејќи Техеран продолжува да го зголемува производството на збогатен ураниум. Тоа може да доведе до повторно воведување санкции на Обединетите нации, кои се укинати со договорот.