Северната провинција е последното упориште на т.н. бунтовници, па офанзивата би можела да биде и последната голема битка во сириската војна
Американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите сојузници, Русија и Иран, да не ја напаѓаат сириската провинција Идлиб, која е под контрола на т.н. бунтовници.
– Сирискиот претседател Башар ал Асад не смее непромислено да ја напаѓа провинцијата Идлиб. Русите и Иранците ќе направат сериозна хуманитарна грешка ако учествуваат во оваа потенцијална човечка трагедија. Стотици илјади луѓе би можеле да бидат убиени. Не дозволувајте да се случи тоа – напиша Трамп на Твитер.
Сириската армија се очекува да изврши голема офанзива врз последниот голем бастион на бунтовниците во земјата. ОН велат дека таквата операција би можела да има катастрофални последици за илјадници цивили во Идлиб. Претходно, Стејт департментот се закани дека Вашингтон ќе одговори на секаков хемиски напад на сириската армија и на нејзините сојузници.
Русија минатата недела ја предупреди Америка да не си игра со оган во Сирија и обвини дека Западот шири лажни информации за хемиски напади, кои потоа сака да ги искористи како изговор за да изврши воена интервенција во земјата. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров порача дека „терористите“ мора да се исчистат од Идлиб, обвинувајќи ги дека ги користат цивилите како човечки штит. Русија и Сирија ги обвинуваат бунтовниците дека сакаат да исценираат хемиски напад во Идлиб за да ја обвинат армијата и да поттикнат американска интервенција.
Офанзивата врз Идлиб може да ги зголеми и тензиите со Турција, која има набљудувачки пунктови околу провинцијата како дел од „договорот за деескалирање“ со Иран и со Русија. Иран во петок ќе биде домаќин на самит на кој лидерите на Иран, Русија и на Турција ќе разговараат за Идлиб.
Како што посочува Би-би-си, бунтовниците се поразени во поголемиот дел од Сирија, па офанзивата врз северната провинција би можела да биде последната голема битка во сириската војна. Според процените на ОН, во Идлиб се кријат околу 30.000 џихадисти на Ал нусра и на Ал каеда.
Во меѓувреме, ОН побара да се отворат хуманитарни коридори за да може да се евакуираат цивилите од провинцијата. По седум години борби во Сирија, над 400.000 лица се убиени или се водат како исчезнати, а половина од населението е внатрешно или надворешно раселено.