Американскиот претседател Доналд Трамп испратил остри писма до лидерите на повеќе членки на НАТО, меѓу кои и Германија, Белгија, Норвешка и Канада, во кои ги предупредил дека мора да ги зголемат расходите за одбрана како една од обврските на членството во НАТО, објави „Њујорк тајмс“.
Според весникот, во писмата се наведува дека САД го губат трпението со овие сојузнички држави.
Трамп, кој ги испратил писмата во пресрет на самитот на НАТО во Брисел, веќе подолго време ги прозива членките на Алијансата кои не издвојуваат барем два проценти од нивниот бруто домашен производ за одбрана, обвинувајќи ги дека не придонесуваат доволно кон сопствената заштита и се потпираат на воената моќ на САД.
Во пресрет на Самитот, Белата куќа информира дека ја разгледува можноста за повлекување на дел од значителните американски воени ресурси во Германија и нивно распоредување назад во САД или во некоја друга сојузничка земја која го почитува правилото да троши два проценти од својот БДП за одбрана, како на пример Полска.
Американскиот претседател имаше видливо лоша соработка со повеќе лидери од групата Г-7 на неодамнешниот самит во Канада, што предизвика загриженост дека и претстојниот Самит на НАТО може да се претвори во дипломатско фијаско.