Телото на Мејв Кенеди МекКин беше пронајдено попладнево, додека нејзиниот син Гидион се смета за починат откако двајцата исчезнаа во четвртокот кај Заливот Чесапик во американската сојузна држава Мериленд, пренесува Си-ен-ен.
Мејв е ќерка на поранешната гувернерка на Мериленд, Кетлин Кенеди Таунсенд, и внука на некогашниот главен јавен обвинител и сенатор Роберт Ф. Кенеди. Таа и нејзиниот син играле со топка во дворот, додека нивното семејство се изолирало како превенција од коронавирусот. Топката им паднала во водата, па тие со кану решиле да ја бараат. За жал, повеќе не се вратиле. Била покрената потрага со нуркачи и со бродови.
– Мисијата за пронаоѓање и спасување на мојата ќерка Мејв и мојот внук Гидион се претвори во потрага за извлекување на нивните тела. Моето срце е скршено – изјави Кетлин во саботата.
Ова е најновата од низа трагедии што ја погодија фамилијата Кенеди. Суеверието за „клетвата на Кенедиеви“ датира назад до 60-тите години на 20-тиот век. Во 1969 година, сенаторот Тед Кенеди излета со автомобил од мост при возење во алкохолизирана состојба. Во сообраќајната несреќа загина неговата сопатничка Мери Џо Копешни, а тоа ги згасна и претседателските амбиции на Тед Кенеди.
По оваа несреќа, тој посочи на постоење на таканаречената „клетва на Кенедиеви“ што го прогонува нивното семејство. Во 1944 година, се случила смртта на неговиот најстар брат, Џо Кенеди, за која тој тврди дека не била од природни причини. Врз неговиот брат Роберт беше извршен атентат во 1968 година, и секако, веројатно најпознатиот несреќен случај во семејството, е атентатот врз американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во 1963 година.
Несреќите оттогаш се таложат за ова семејство. Негови членови умираа од предозираност со дрога, авионски несреќи и уште други несекојдневни причини. Фамилијата е голема, а Џо, Роберт и Тед се само тројца од девет браќа и сестри. Секое од овие имиња и сите нивни успеси и порази веднаш го наоѓаат своето место во насловните страници на медиумите.
Затоа, несреќите на ова големо семејство честопати побудуваат сожалување и сочуство кај американскиот народ, а љубовта кон нив расте со секоја нова трагедија. Иако верувањето во клетви и суеверијата се провлекуваат од минатото, се добива слика како семејството Кенеди навистина да го прогонува некаква клетва. Тие се доказ дека, и покрај успехот и големото богатство, добриот изглед и угледниот живот, тие се сепак смртни, ранливи луѓе како и сите други. Семејството Кенеди е доказ дека привилегијата не штити никого од катастрофа, а ужасни работи може да се случат дури и на најуспешните.