Русин под дејство на алкохол со нож убил шестгодишно момче откако насилно влегол во дневен центар во градот Нарјан-Мар на североисток од европскиот дел на Русија.
Ова го соопшти Рускиот истражен комитет, додавајќи дека напаѓачот бил уапсен.
Во соопштението се наведува дека напаѓачот го убил момчето со убоди од нож додека тоа спиело во центар за дневна грижа во Нарјан-Мар.
Напаѓачот е идентификуван како 36-годишен локален жител кој бил под дејство на алкохол, пренесе агенцијата ТАСС. Тој не бил роднински поврзан со убиеното дете, а рекол дека во градинката влегол случајно бидејќи „халуцинирал“.
Против него е покрената кривична постапка за убиство на малолетник во главниот град на автономната област Ненец.
Против управителите на градинката и приватната служба за обезбедување е покренато обвинение за занемарување и необезбедување услуги кои гарантираат безбедност по животот и здравјето.