Солихат (40) и нејзините три пријателки испланирале како да направат совршена селфи-фотографија, на плажата во провинцијата Бантен во Индонезија. Нивните хиџаб-марами биле впечатливи, во зелена и во розова, а една од девојките планирала да го покаже знакот за мир со прстите. Но, најважно од сѐ, била глетката на потполно уништување зад нив, на поплавено поле со расфрлани автомобили и земјоделска опрема, по цунамито кое ја погоди азиската држава, одземајќи безмалку 500 животи, пишува британски „Гардијан“.
Полето кај Сундскиот Теснец сега е претворено во „гробишта“ на уништените возила кои биле понесени од големите бранови. Тоа е посетувано од бројни трагачи по импресивно селфи, од кои многумина патуваат и со часови со цел да се сликаат на местото погодено од цунамито. Солихат вели дека патувала два часа за да стигне таму. Таа и нејзините пријателки собрале донации во облека за луѓето кои се раселени по несреќата.
– Оваа фотографија поставена на Фејсбук претставува доказ дека навистина сме тука и оти ја дадовме помошта – објаснува Индонезијката.
Таа додава дека нејзиното селфи има одредена цел, и покрај тоа што повеќето луѓе го сметаат за површно.
– Луѓето сфаќаат дека се на подобро место кога ги гледаат фотографиите. Сликите од уништувањето добиваат повеќе лајкови. Можеби, бидејќи ги потсетуваат луѓето да бидат благодарни – порачува Солихат.
Од друга страна, спасувачките екипи кои бараат 154 исчезнати лица во областа, поминуваа покрај луѓето кои бараа погодно место за да направат селфи. Солихат беше запрашана дали е неумесно да се сликаат фотографии покрај водата која можеби сокрива човечки трупови.
– Зависи од намерата. Ако сликате селфи за да се правите важни, немојте да го правите тоа. Но, во ред е да ја споделите тагата со другите луѓе – смета Солихат.
Но, тоа не е случајот со повеќето посетители кои поминуваат доста време позирајќи на местото погодено од трагедија, каков што е случајот со младата Валентина Анастасија (18), која патувала три часа за да се слика покрај спасувачките екипи на поплавеното поле.