Уривањето на мостот Моранди во Џенова, во кое загинаа најмалку 39 лица, а бројни се исчезнати, претставува уште едно потсетување на влијанието на мафијата во Италија. Несреќата која се случи во вторникот е десетта во последните пет години во државата, каде што противниците на организираниот криминал предупредуваат оти училиштата, болниците и аеродромите би можеле да бидат под ризик од рушење, пишува австралиски „Њуз“.
Причина за загриженоста претставува практиката на мафијата да штеди преку мешање на цементот со песок, при изградбата. Силицијанската Коза ностра, Ндрангета во Калабрија и Камора во Неапол, вообичаено се вклучени во изведувањето на градежни работи, добивајќи ангажман преку соработката со корумпираните политичари. А градењето со ослабениот цемент е слично на составување полици со леплива лента, пишуваат медиумите.
Доказ за корупцијата претставува податокот според кој 281 состав на градските власти во Италија бил расформиран од надлежните служби, од 1991 година, поради инфилтрираност на мафијата. Тендерите кои ги добива мафијата не се само за изградба, туку и за услугите на чистење, собирање отпад и одржување на парковите.
Работата во градежната индустрија преставува погоден параван за членовите на организираниот криминал да бидат вклучени во навидум легален бизнис. Згора, мафијата ги користи несреќите и природните непогоди за да профитира дополнително.
– Ризикот од влез на мафијата е голем. Изградбата по земјотресите е примамлива за криминалните организации – вели Франко Роберти, поранешниот водечки човек на италијанскиот директорат за борба против мафијата.
Сега постои загриженост за бројни градби низ Италија. Групата „Легамбиенте“ што се бори против мафијата, предупреди оти ослабениот цемент, наводно, е користен при изградбата на аеродромите во Трапани и во Палермо на Сицилија, како и во изградбата на училишта, мостови и автопати на Апенинскиот Полуостров.