Алексеј Навални не е политички затвореник во Русија како што го претставуваат на Запад и како што тој сака да се претстави, изјави шефот на руската делегација на Парламентарното собрание при Советот на Европа, Петар Толстој.
Прашањето за труењето на рускиот блогер и опозиционер денеска е на дневен ред на Парламентарното собрание при Советот на Европа.
Толстој ги потсети своите европски колеги дека Навални не ги исполнил обврските што ги имал како некој кому му била изречена условна казна и дека бил уапсен за тоа. Тој додаде дека Русија вложила големи напори да ги разјасни околностите за тоа што му се случи на Навални во авионот.
– Подготвени сме да соработуваме со вас, но потпирајќи се на факти, а не на пропагандни клишеа и извици, што, за жал, можеме да ги слушнеме во салата денес за време на сесијата – рече Толстој.
Навални се врати од лекувањето од Германија во Русија. Тој беше уапсен на аеродромот „Шереметјево“ во Москва бидејќи како условно осуден не се пријавил во руската полиција. Му беше одреден притвор во траење од 30 дена, каде што ќе чека рочиште, на кое ќе се одлучи дали условната казна ќе биде заменета со затвор. Рочиштето е закажано за 29 јануари.
Во меѓувреме, неговите приврзаници организираа нелегитимни протести во Русија.
Руското Министерство за надворешни работи претходно ги советуваше странските политичари кои ја коментираа ситуацијата со Навални да го почитуваат меѓународното право и да ги решаваат проблемите во нивните земји, а министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, неодамна изјави дека се копираат изјавите на западните политичари на оваа тема.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, истакна дека Кремљ нема намера да ги слуша изјавите од странство за Навални.