Комичарите во Јапонија, соочени со скромната заработувачка, наоѓаат спас во настапите на забави организирани од јапонската мафија позната како Јакуза. Тие го прават ваквиот чекор бидејќи не заработуваат доволно преку агенциите што ги застапуваат, пренесува „Јапонија тајмс“.
На 24 јуни, големата компанија „Јошимото Когју“ соопшти дека суспендирала неколкумина комичари поради тоа што настапиле на забави организирани од мафијашката банда jакуза.
Тие учествуваат на овие изведби без да се консултираат со своите агенции кои ги застапуваат. Познавачите на состојбата велат дека ваквиот скандал треба да биде искористен со цел да се откриваат криминалните групи, а не само комичарите да бидат критикувани и казнувани.
Скандалот се случи откако еден магазин откри дека комичарот Хиројуки Мијасако и други познати јапонски комичари учествувале на изведби организирани од мафијата пред пет години. На 4 јуни, компанијата го отпушти Шинџа Ирие, за кого се верува дека ги поканил комичарите да учествуваат на забавите.
На 27 јуни компанијата дополнително суспендирала двајца комичари кои настапувале на роденденска забава на член на мафијата. Ваквите настапи комичарите ги прифаќаат поради малиот хонорар што го добиваат, воглавно од настапи организирани од агенцијата што ги застапува. Криминалните забави се привлечни за комичарите оти нивните агенции не земаат дел од добивката како надоместок.
– Не можам да заработам доволно за живот. Дел од комичарите станаа познати благодарение на ТВ-емисиите, но за повеќето е тешко да ја задржат својата популарност – изјави еден од комичарите.
Младиот комичар тврди дека без настапите за криминалните групи, не би заработувал доволно за добар живот.
Забавата на која настапувале Мијасако и останатите комичари била одржана во декември 2014 година. Подоцна, полицијата уапси неколку членови на мафијата, меѓу кои и еден од лидерите кои изнудил 41.000 евра од постара жена во 2014 година.
Но, полицијата вели дека ќе биде тешко да се отвори предмет против комичарите и тие да бидат поврзани со случајот, бидејќи ќе биде тешко да се докаже дека парите со кои им било платено потекнуваат од сторената измама.
– Скандалот беше употребен за да се засрамат и критикуваат комичарите, наместо да се бара вината кај оние што навистина се одговорни за настанатата ситуација. Треба да се помогне со цел комичарите и компаниите да се држат настрана од криминалните организации – изјави Такаши Озаки, член на Јапонската федерација на Адвокатски комори.