Гардијан

Во држава каде што дневно се случуваат по 100 убиства, претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор вети дека ќе го искорени криминалот во општеството, но промената се случува бавно

Автор: Том Филипс

За ведрата Бријана Рохас (20) тоа беше обичен работен ден во осигурителната компанија со светло-жолти канцеларии на улицата Дел Кармен во Тихуана. До пладне Рохас веќе беше мртва, откако била одблизу застрелана во главата од страна на непознат убиец, чие злосторство само дополнително го зголеми бројот на 1.800-те убиства годинава во градот, а таа бројка во државата изнесува 26.000 убиства. Кога на местото на злосторството пристигнале службите, тие наишле на страшна глетка. Жртвата била навалена наназад во црно столче на вртење, со рацете спуштени до земја во локва од крв.

Смирување на Мексико

Кога Андрес Мануел Лопез Обрадор стана претседател на Мексико, лани во декември, тој вети дека ќе ја „смири“ една од најнасилните нации во Латинска Америка со тоа што објави војна на општествените корени на криминалот. Но речиси една година подоцна, не може да се забележи речиси никаков напредок додека државата тешко се справува со низата на понижувачки напади од висок профил и број на убиства што не е запаметен уште од најмрачниот период меѓу 2006 и 2012 година, од „војната против дрогата“ на Фелипе Калдерон.

Минатиот месец, шефот за безбедност на Мексико, Алфонсо Дурасо, тврдеше дека кризата достигнува „пресвртница“ само за неговата оптимистичка порака драматично да пропадне поради еднонеделното безредие во кое напаѓачи од картелот убија 13 полицајци и потоа парализираа еден поголем град за да го ослободат синот на најпознатиот мексикански нарко-бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.

Во првите девет месеци од годинава, во Мексико просечно се случуваа околу 100 убиства на ден. Во Тихуана се шири епидемија на убиства поради метамфетаминот, во која само лани беа забележани 2.518 убиства, а годинава се чини дека таа бројка ќе биде повисока.

Виктор Кларк, експерт за безбедност и активист кој престојува во тој град, тврди дека „државата ја загубила контролата“.

„Убиства за кои никому не му е гајле“

„Гардијан“ одлучи да известува седум дена од втората економски најразвиена држава во Латинска Америка, поточно од Тихуана, еден од најопасните градови во светот. Во првите 24 часа не се случи ниедно убиство, на што новоизбраниот градоначалник Артуро Гонзалез Круз, инаку сојузник на Лопез Обрадор, коментираше дека тоа не се случило веќе неколку години, и не беше задоволен што медиумите не го забележале ваквиот успех.

Но вториот ден масакрот продолжи. Рано наутро, во шест часот, беше пронајден машки труп фрлен во источната населба Емперадорес. Во 11.35 претпладне беа забележани долни екстремитети во распаѓање во запуштениот дел на југот на градот. Потоа во 14.45 попладне неидентификуван убиец упаднал во нечиј дом на улицата Тамаулипас, извадил пиштол и смртно застрелал неидентификуван маж.

Општинската полиција започнала операција за гонење на лицето одговорно за нападот, иако во државата над 90 отсто од злосторствата поминуваат неказнето. Пред општата болница во Тихуана беа донесени изрешетени лица во вооружен напад. Наредната вечер, триесетгодишниот Хесус Бернал се тетеравеше по улицата Белизе, додека оставаше крвави траги зад себе од четири прострелни рани во нозете и во зглобовите. Додека болничарите се грижеа за ранетиот маж, полицаецот тврдеше дека се работело за осудуван провалник, кој најверојатно бил застрелан додека сакал да ограби нечиј дом. Едно од лицата кои први пристигнаа на местото на злосторството шпекулираше дека се работи за „казна и за испраќање порака“.

Но како и повеќето од крвопролевањето, овој случај нема да биде пренесен во весниците, општеството нема да го забележи, а полицијата нема да го реши. Кларк вели дека „никој не се грижи за овие убиства“.

Ера на огромен психолошки терор

Помина речиси една деценија откако беснееше дивата борба за превласт на шверцерските рути за дрога во САД, поради што Тихуана стана еден од најозлогласените градови во светот. Во 2008 година имаше масовни масакри кога картелот на Ел Чапо од Синалоа сакаше да ја преземе контролата во бизнисот, што дотогаш беше во рацете на локалната мафија од Тихуана. Тела висеа од мостовите, пукотници имаше на секој чекор, дури и во најелитните делови од градот. Во еден од највознемирувачките настани беа пронајдени 12 тела со отсечени јазици и фрлени во црна пластична кеса во близина.

Стапката на убиства во Тихуана сега повторно почна да се искачува поради постојаните масакри за кои еден локален весник има „смртометар“ за да ги информира читателите. Властите и интелектуалците сметаат дека новиот бран на насилства се должи на тајната војна за трговијата со дрога во Тихуана, особено онаа за кристален метамфетамин. Кларк вели дека „не станува збор за контрола на рутата во САД, туку за превласт на локалниот пазар“.

Градоначалникот Гонзалез призна дека било „нереално“ очекувањето да се стави веднаш крај на кризата, но се надева дека ќе се намали бројката на мртви и инсистираше да се зачува „економската динамика“ на градот.

Во текот на интервјуто во градското собрание во Тихуана, градоначалникот повторно ја нагласи претседателската доктрина дека криминалот може да се спречи со подобрување на „општествената структура“ и искоренување на корупцијата за која лично смета дека е коренот на сето зло. Од друга страна, Кларк, кој долги години ја проучува безбедносната состојба во Тихуана, е песимист дека вакви тактики би можеле да успеат. За првата година од мандатот на Лопез Обрадор тој изјави дека „апсолутно ништо не е променето. Досегашните чекори не биле доволни, иако тој имал најдобри намери“.

Превод: Билјана Здравковска