Британската премиерка Тереза Меј рече дека ќе побара од Европската унија(ЕУ) нови преговори за брегзит, јавува Би-би-си.
ЕУ порано ја отфрли можноста за промена на договорот што беше постигнат со британската премиерка.
Но, таа пред својот кабинет рекла дека ќе се обиде тоа да го стори, додека британските парламентарци се подготвуваат да гласаат за нејзиниот нов, сега малку изменет, план за излез од ЕУ. Се очекува преку телефон да се слушне со лидерите на ЕУ во текот на денешниот ден.
Конзервативните бунтовници кои на почетокот на месецот гласаа против нејзиниот договор, бараат правно обврзувачки промени во контроверзната клаузула со која треба да се избегне создавање на цврста граница меѓу Ирска и Северна Ирска.
Откако нејзиниот план беше отфрлен, беше побарано од Меј да смисли алтернатива. Но, нејзиниот „план Б“ всушност не е многу поразличен од „планот А“. Таа не понуди никакви конкретни промени, но вети дека поблиску ќе соработува со парламентот кога станува збор за одредување на односите меѓу Британија и ЕУ по напуштањето на Унијата, како и заедно да се работи на изнаоѓање на решение за „ирскиот проблем“.
Германската министерка за правосудство Катарина Барли изјави дека денеска нема простор за суштинско повторно преговарање за договорот за излез на Велика Британија од ЕУ.
Се очекува вечерва британскиот парламент да гласа за амандманите кои пратениците ги предложија на новиот план за брегзит.