Британската премиерка Тереза Меј во текот на следната недела во Брисел ќе разговара со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Таквиот потег доаѓа по нејзиниот симболичен пораз во четвртокот во британскиот парламент, кој се оценува како сериозно слабеење на нејзините позиции во преговорите со ЕУ.
Во соопштението се истакнува и дека Меј планира во следните денови да разговара и со лидерите на сите земји-членки на Унијата. Исто така, британскиот министер за брегзит, Стив Баркли, денеска ќе се сретне со главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние. Во соопштението од нејзиниот кабинет се додава и дека премиерката испратила писмо до членовите на својата Конзервативна партија, во кое бара од нив поради национален интерес да ги надминат разликите во врска со излезот на Британија од ЕУ, што официјално се очекува на 29 март.
Поразот во британскиот парламент го доведува во прашање исполнувањето на нејзиното ветување до водачите на ЕУ дека договорот за границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, со одредени отстапки, ќе мине во Долниот дом.