Телото на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги наводно било пронајдено во бунарот на територијата на резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул. Од друга страна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја демантира информацијата, истакнувајќи дека сѐ уште не е најдено телото на Кашоги, кој исчезна на 2 октомври откако влезе во дипломатскиот објект на Саудиска Арабија.
Догу Перинчек, лидерот на турската партија, прв ја соопшти веста за телото на саудискиот новинар.
– Од доверливи извори во службите за безбедност на Истанбул дознав дека телото е пронајдено во бунарот, кој се наоѓа во градината на резиденцијата на генералниот конзул на Саудиска Арабија – истакна Перинчек во изјавата за руската агенција „Спутник“.
„Хуриет“, повикувајќи се на извори од турската полиција, пренесе детали за истрагата. Па, така, благодарение на патиките што осомничените ги носеле на снимките од безбедносните камери, полицијата утврдила дека „двојник“ на новинарот излегол од конзулатот.
– Кашоги носел чевли кога влегол во конзулатот, а не патики. Првата разлика што ја забележа полицискиот тим, кој ги прегледуваше снимките од безбедносните камери, беа чевлите – изјави за „Хуриет“ претставникот на турската полиција.
Претходно, Саудиска Арабија соопшти дека Кашоги, кој беше и дописник за „Вашингтон пост“, е убиен во саудискиот конзулат во Истанбул и тоа во физичка пресметка со луѓето што ги сретнал таму. Со тоа, по повеќедневно демантирање на обвинувањата, Ријад призна дека саудискиот новинар навистина е убиен во конзулатот, наводно по „непланирана расправија и тепачка“. Во врска со инцидентот, кој предизвика дипломатска бура на Блискиот Исток, но и во односите на релација Ријад – Вашингтон, се уапсени 18 лица, а сменет е и висок претставник на саудиската разузнавачка служба.
Турскиот претседател, пак, демантира дека е пронајдено телото на Кашоги, истакнувајќи дека станува збор за сурово и добро испланирано убиство.
– Суровото убиство на Кашоги е навреда за целото човештво. За убиството се одговорни 18 лица, од кои 15 пристигнале од Саудиска Арабија во Турција за да го сторат тоа, а три лица се вработени во конзулатот во Истанбул, во кој се случи убиството – порача Ердоган.
Според него, без притисок на турските, но и на другите медиуми, Саудиска Арабија воопшто немаше да ја прифати истрагата на турските обвинители во конзулатот. Ердоган како докази ги посочи информациите дека се отстранети хард-дисковите, на кои се чуваат снимките од безбедносните камери во конзулатот, кои биле исклучени еден ден пред самото убиство.
– Му се јавив на саудискиот крал, кој ми соопшти дека се уапсени 18 лица во врска со убиството на новинарот, а тие имиња се поклопија со податоците и снимките од безбедносните камери, кои ги имаат турските претставници. Ќе побарам од Ријад да се испорачаат тие 18 лица, бидејќи треба да им се суди во Турција. Ги повикувам саудискиот крал и врвот на администрацијата на Саудиска Арабија да го разгледаат мојот предлог. Тие ќе одлучат за тоа, но ова е мој предлог. Тоа се случи внатре во границите на нашата држава – порача Ердоган во обраќањето пред турскиот парламент.