„Твитер“ ги повика корисниците да ги проверуваат податоците во твитовите објавени од американскиот претседател Доналд Трамп, предупредувајќи дека неговите тврдења во врска со гласањето преку пошта се покажале невистинити.
Американскиот претседател веднаш му одговори на „Твитер“ во твит, тврдејќи дека компанијата се меша во претседателските избори во САД.
– „Твитер“ комплетно ја задушува слободата на говор, а јас, како претседател, нема да го дозволам тоа – напиша Трамп.
Со син извичник, „Твитер“ под твитот на Трамп ги предупредува корисниците да ги проверат фактите за гласањето по пошта и ги насочува кон страница со написи од весници и информации што тимот за проверка на факти ги дознал за тврдењата на Трамп.
– Трамп изнесува неосновани тврдења дека гласањето по пошта ќе доведе до изборни злоупотреб – е еден од насловите на горниот дел од страницата.
Трамп, кој има 80 милиони следбеници на Твитер, вчера изјави дека гласањето по пошта е „значително неправедно“ и дека ќе резултира со „лажирани избори“.
Во тој поглед, тој го именуваше гувернерот на Калифорнија, иако таа сојузна американска држава не е единствената што користи гласање по пошта.
„Твитер“ потврди дека првпат ја применува специјалната опција за обележување на твит, бидејќи новата политика на компанијата за објавување погрешни информации беше воведена на почетокот на овој месец.