Твитер најави дека од 11 март и во Европа ќе важат нивните нови правила за политичко рекламирање, што беа воведени за време на изборите во САД.
Тоа практично значи дека секој може да ги види огласите поставени на Твитер за кои е дадено одобрение од партијата или кандидатот, на Центарот за транспарентност на огласи на Твитер, со сите потребни детали, а што ќе им овозможои на корисниците полесно да ги идентификуваат огласите за политичката кампања, како и да видат кој ги платил.
Овие нови правила доаѓаат пред изборите за Европскиот парламент во мај, поради страв од руска кампања за дезинформирање на избирачкото тело преку социјалните мрежи.
Фејсбук и Твитер се под притисок да направат што е можно повеќе во борбата против лажните вести и ширење на екстремизмот и пропагандата на интернет, а Европската унија се повеќе е загрижена поради улогата на Русија.
Твитер ги уверува корисниците дека својата политика во огласување на политичките кампањи ќе ја применува и во Индија и Австралија, каде наскоро ќе има избори.
Овие мерки се преземаат по реагирањето за наводно мешање на Русија за време на американската претседателска кампања во 2016 година, кога Фејсбук, Твитер и Гугл на своите сајтови имаа содржини за кои постои сомневање дека се финансирани од руски интересни кругови, што Русија во повеќе наврати го негираше.