Тајфунот Вамко ги опустоши Филипините, настрадаа најмалку 53 лица, а густа кал затрупа многу села во околината на главниот град Манила.
Тајфунот предизвикал големи поплави, а луѓето бегале на покривите од своите куќи, јави „Ројтерс“.
Поплавени се десетина градови во регионот Кагајан, северно од Манила, а загрозени се повеќе илјади семејства.
Полицијата соопшти дека меѓу жртвите се сите членови на едно семејство кои биле затрупани во северната провинција Бенгует, како и двајца државни инженери кои биле дел од спасувачка операција во моментот кога се срушил дел од патот.
Повеќе од еден милион луѓе останаа без електрична енергија во Лузон, вклучително и поширокиот регион Манила, каде над 400.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови, соопшти Националната агенција за катастрофи.
Планирана е евакуација на уште 468.000 луѓе, соопшти Штабот за вонредни ситуации на филипинската Влада.
„Вамко“ е 21-та тропска бура што ги погоди Филипините оваа година и петта од октомври. За време на претходните четири циклони, загинаа повеќе од 50 лица, а вкупно беа погодени над три милиони луѓе.